БЕЛИЧИЦА

БЕЛИЧИЦА, oпштината Маврово и Ростуша
црква Св. Никола, с. Беличица, 1885
(4-807-003/55 Е-НД)

Црквата Св. Никола во селото Беличица е изградена во 1885 г., според натписот исклесан на влезниот порталот од северниот влез на храмот. Порталот е изработен од три големи блокови делкан камен од кои горниот монолитен блок е лачно профилиран. Над порталот има правоаголна ниша со современа икона на патронот на црквата св. Никола. Црквата е монументална трикорабна градба со полукружна апсида на исток и дополнително доградена припрата на запад во поново време. Покривот е двоводен со мала шестоаголна купола препокриена во поново време со лим. Храмот е ѕидан со кршен камен додека на спојот од ѕидовите е зајакнат со делкани блокови како што е изѕидана апсидата и венецот. На северниот ѕид има пет правоаголни прозори додека на јужниот четири, изработени од масивни делкани камени блокови.
Внатрешноста на храмот е трикорабна правоаголна градба, поделена со два низа колонади по два масивни кружни столбови лачно поврзани помеѓу себе. Кон исток е поставен трикатен дрвен иконостас со Голем крст над него. На западната страна е подигната галерија со дрвена мрежеста мушарабијаЦрквата е делумно живописа на сводот од страна на непознат зограф од крајот на 19 век. Насликани се две Божји ипостази на сводот од централниот брод а во кружните медаљони над столбовите насликани се бисти на евангелисти. На сводот во олтарот насликана е допојасна претставата на Бог Саваот како лебди во сегмент од небо. 

Бог Саваот (B!G\ SAVwt) е претставен како старец со долга бела брада како благословува со двете раце. Над главата има насликано два триаголника, спротивно поставени кои формираат ѕвезда. Над галеријата на западната страна од наосот насликана е допојасна претстава на Христос Ангел на Великиот совет како крилат ангел кој лебди во сегмент од небо. Христос Ангел на Великиот совет (V!LKAGw SOV]TA ANGELOV) благословува со обете кренати раце. Над глава има златен ореол од кој се шират светлосни зраци. Во кружни медаљони над столбовите насликани се бисти на евангелистите. На северната страна од централниот кораб (З-И), насликана е допојасна претстава на евангелистот Марко (S!TAI A!P. I E!n. MARKO) со симболот на лавот, како во раката држи затворено евангелие. Следи претставата на евангелистот Матеј (S!TAI A!P. I E!n. MAtEI) со симболот на ангел покрај него, како држи затворено евангелие во рацете. На спротивната страна евангелистите не се сочувани.

Монументалната иконостасна преграда на западната страна во наосот во целост го затскрива олтарниот простор. Иконостасот е три катен со голем иконостасен крст над него. Столбчињата, изработени во флорална и антропоморфна резба ги подвојуваат престолните икони. Тие се лачно поврзани помеѓу себе и создаваат посебни компартаменти. Првата зона е резервирана за престолните икони, дело на Никола Михаилов од Крушево (1888 г.). Другите два реда ги сочинуваат мали икони од деисисот со апостоли и над него празничниот ред икони дело на зограф Крсто Аврамов од Тресонче (1896 г.). Во црквата сочувани се дела на зографот Хаџи анагност од 1837 г. и други икони од непознати мајстори.

ЛОКАЦИЈА

Црква „Св. Никола“, село Беличица, 1885 (4-807-003/55 E-ND)

Беличица, Општина Маврово и Ростуше

Карта на збирки на MKР

Погледнете ја картата на сите збирки на МКР

Зачувување и промовирање на македонската култура преку реставрирање, снимање и архивирање. Услови за користење

Целиот материјал содржан во збирките на MKР е заштитен со авторски права на Creative Commons Attribution.
Контактирајте не доколку сакате да ги користите нашите фотографии или да придонесете со материјал за МКР.

© 2024, MKR, Inc. - NMK