Полошката котлина била средиште на црковните активности во Тетовскиот крај. Во Долни полог во близина селото Лешок егзистирал значаен манастирски комплекс. Во него се истакнуваат стариот манастир Св. Атанасиј Александриски и црквата Св. Богородица.
Црквата Света Богородица за прв пат се споменува во грамотата на кралот Стефан Дечански во 1326 год. кога ја приложил на црквата Св. Богородица Левишка во Призрен. Оттаму се претпоставува дека црквата Света Богородица е постара од наведениот датум.
Основата на црквата Света Богородица е во форма на триконхос. Однадвор конхите се тространи. На западната страна е продолжена со нартекс кој е поширок од основата на наосот. Градена е со делкан камен-бигор и декорирана делумно со тула со што се доловило традиционалното византиско ѕидање. Црквата е бескуполна и покрај триконхосната основа каде страничните конхи имаат функција на певници.
Црквата Света Богородица претрпела најмалку три живописуваwа. За нивно попрецизно датирање ни помагаат сочуваните натписи во самата црква - оној од живописот од 17 век и натписот кој потекнува од обновата во 1879 година.
Првата голема обнова се случила во 17 век и кон неа припаѓа триконхосот без западниот анекс. Натписот кој сведочи за обновата е сочуван благодарејќи на преписот кој го направил во 1850 година еромонахот Гедеон Јурисиќ. Во обновата од 19 век кога е дограден и западниот анекс натписот во голем дел е уништен.
Од натписот дознаваме дека црквата од темел ја подигнал епископот Никанор, подоцнежен скопски митрополит, во период од 10 јуни до 12 септември 1641 година. Неколу години подоцна, од 1 март до 20 април 1646, од страна на грчки зографи за сума од 95 дукати ја насликале црквата што всушност претставува вториот слој на живопис после оној кој е постар од 1326 год.
Натписот и денес видлив под живописот од 19 век, почнувал од јужната страна преку западниот зид па се до конхата на северниот зид. Во обновата која се случила во 19 век западниот зид бил срушен со цел да се добие поголем простор за потребите на верниците. Благодарејќи на преписот од еромонахот Гедеон Јурисиќ во 1850 година можна е реконструкција на уништениот натпис од западниот зид на наосот.
Во времето на доградбата во 1879 година се случило новото живописување на нартексот и целосно пресликувањето на триконхосот од страна на зографите Михаил Ѓурчинов и Панта од Галичник. Михаил и Пане потекнуваат од родот Ѓурчинов Негриев каде сите во фамилијата се занимавале со сликарство. Нивното потекло води од родот Фрчовски од кој произлегле повеќето од најзначајните зографски фамилии од Галичник. Михаил Ѓурчинов е воедно и автор на иконите за новиот иконостас каде оставил и свој запис за ова свое дело. Од оригиналниот иконостас од 17 век сочувана е само деисината плоча која е делумно пресликана.
Живописот од 17 век, иако пресликан, во голема мера може да се забележи благодарејќи на лошата технолошка подготовка на зографот од 19 век. Имено, зографот Михаил сликал директно на живописот од 17 век без нанесување на нова подлога за сликање. Тоа допринело денес, делумно, да можеме без посебно отварање на сонди да го идентификуваме оригиналниот живопис од 17 век во повисоките зони. Претпоставка е дека Зографот Михаил во голема мера се држел до оригиналната иконографска шема која била зададена во 17 век и настојувал директно да ги преслика веќе постоечите сцени.
Живописот во наосот, на јужната и северната страна е распореден во 5 зони, додека сводот е централно ориентиран со допојасни фигури на Исус Христос, Исус Христос Емануил, пророците и Бог отец - Саваот (во олтарот). Во петте зони на наосот има импозантен број на поединечни сцени: почнувајќи од галеријата на стоечки фигури на светителели и свети воини, потоа фриз на допојасни светители во медаљони, сцени од циклусот на Христовите страдања, Великите празници и Христовите чуда а секако вредно е да се истакне еден редок циклус на Богородичниот акатист кој заслужува посебно внимание.
Циклусот на Акатистот во поствизантискиот период е идентификуван во ограничен број во Македонија (Св. Никола - Слепче, Полошки Манастир, Св. Архангели - Кучевиште, Св. Никола - Топлички манастир, Слимнички Манастир). Со презентирање на уште еден ваков пример од црквата Св. Богородица-Манастир Лешок ќе се надополни, како иконографска и воедно ликовна претстава на овој редок циклус во Македонија.
Со доаѓањето на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ во 1818 година, од Хиландар во Света Гора во црквата Св. Богородица, заживува и монашиот живот. Познатиот македонски просветител, Кирил Пејчиновиќ, посебно се ангажирал во собирање на стари книги со цел основање на манастирска библиотека која послужела за ширеwе на писменоста во полошкиот регион. Самиот Пејчиновиќ се јавува и како автор на повеќе книги со црковна содржина (Огледало, Слово на празниците, Утешение грешним) пишувани на народен јазик, разбирлив за населението, со што придонел за понатамошното усвојување и развивање на македонскиот народен јазик во писмена форма во понатамошниот период.
Манастирот Света Богородица се наоѓа во село Лешок, северозападна Македонија.
Погледнете ја картата на сите збирки на МКР
© MKR. Сите права се задржани. 2024.
Зачувување и промовирање на македонската култура преку реставрирање, снимање и архивирање. Услови за користење
Целиот материјал содржан во збирките на MKР е заштитен со авторски права на Creative Commons Attribution.
Контактирајте не доколку сакате да ги користите нашите фотографии или да придонесете со материјал за МКР.